Празничната раздвиженост донесе и брзање на учесниците во сообраќајот, но и сообраќајни прекршоци за пречекорување на брзината на движење на возила на патиштата во регионот.
Така на подрачјето на СВР Струмица, каде припаѓа и ОВР Гевгелија констатирани се за еден ден 140 сообраќајни прекршоци за брзо возење.
На празничниот Илинден, (02.08.2023 год.) во периодот од 08.00 до 18.00 часот на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица била спроведена контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. Притоа, биле констатирани 20 прекршувања на брзината на подрачјето на Гевгелија. Тоа значи, на секој час по двајца брзинци прелетувале по патиштата низ гевгелиско.
Во однос на бројот на санкционираните возачи во регионот Гевгеличани се донекаде и подисциплинирани.
Од сообраќајниот билтен за вчерашниот ден, празничен Илинден, стои наведено дека од вкупно констатираните 140 пречекорувања на брзината на движење во регионот, 52 биле на подрачје на Струмица, 36 на подрачје на Радовиш, 32 на подрачје на Валандово.
Од нив, 74 прекршувања на брзината биле констатирани надвор од населено место, а 66 во населено место. За време на контролата биле констатирани и 10 останати прекршоци. Сите констатирани прекршоци биле соодветно санкционирани.
Недостасуваат податоци за прекршоци на подрачјето на општина Дојран, каде празнично фреквенцијата на возила и патници беше најголема.
Сепак, останува констатацијата дека гевгеличани биле подисциплинирани возачи од останатите во регионот, но очигледно некои сакале и да брзаат.