Наставничката која беше приведена во Неготино била во депресија – еве што порача нејзиниот сопруг: „Ако сакаме добри генерации, мора да се врати авторитетот на наставникот!“
По професија сум дипломиран машински инженер, со мојата диплома работев и во Германија, а веќе две години сум наставник во основно училиште во Неготино и предавам во околните села.
Мојата сопруга, која беше вчера првидена во полиција работи како наставничка околу 20 години. Случајот со приведувањето и образложенијата дека таа психички ги малтертирала учениците е главна тема во Неготино, но и пошироко, па би сакал да појаснам за јавноста која е позадината – за „Фокус“ раскажува М.С., видно вознемирен од настанот.
Како што појаснува, и тој и сопругата биле под постојани притисоци, а таа на почетокот на годината користела еден месец боледување и и била поставена дијагноза, која тој вели дека не би ја откривал во јавност, но не крие дека станува збор за нарушено здравје поради стресни ситуации поврзани со работата.
- „Во последните неколку дена, односно од петокот, па до вчера, беше очигледно дека мојата сопруга падна во депресија. Плачеше, се жалеше дека е сама, дека никој не ја разбира. Истото однесување, колку што сега знам, го имала и на училиште, па поради тоа и ги вознемирила учениците и нивните родители.
Но, наместо мене да ме контактираат, да ја пратат на боледување, па да бараме здравствена помош, се случи да ни дојде полиција дома, и тоа вчера, кога дома имавме слава Свети Димитрија, кога масата ни беше поставена… Многу немили сцени“ – вели наставникот.
Раскажува дека сопругата го однела во маркет да испазари пред да дојдат гостите, а таа заминала дома. Додека бил во маркет му се јавиле од полиција и му кажале дека мора да разговараат со него.
- „Ги замолив од полиција да не доаѓаат по мене во маркетот, да не гледа народ, и веднаш заминав во станицата која е во близина на маркетот. Не знаев зошто ме викнаа, ме распрашуваа за однесувањето на сопругата, им појаснив дека таа има здравствено нарушување и е депресивна последниот период. Не ми кажаа ништо, си заминав дома, не ја најдов сопругата.
По кратко време полицијата ја донесе дома, и рекоа да си земе основни работи и ми кажаа дека ќе ја носат на лекување во Негорци. Што можев да направам? Ѕвонев кај роднините на сопругата кои се од тој крај, дури денес дознавме дека таа ќе остане на лекување колку што е потребно, од една недела, па можеби и до еден месец, додека не и биде подобро.
- „Се прашувам зошто никој не ми кажа мене доколку таа имала промени во однесувањето на работа, зошто не ја испратија на боледување, на систематски преглед, да се утврди што е, па да се бара решение, туку на ваков начин. Денес кога излегов надвор, луѓето ме гледаат како да сум воен злосторник, не знаат дека всушност таа беше приведена оти има нарушена здравствена состојба, се шират разни шпекулации“ – тврди наставникот.
За сопругата појаснува дека во минатото била и наградувана за својата работа, била добра мајка и сопруга, но ете се случило да западне во тешка состојба.
Извор: „ФОКУС“
ЛИНК до целиот текст
Денеска МОН (Министерството за образование и наука) реагираше дека: „При сомнение за нарушено ментално здравје наставникот се упатува на вонреден лекарски преглед!“
Но, наместо лекарски преглед, директорката на основното училиште каде работи приведената, (а по разговорот во полиција веднаш упатена на лекување во Психијатриска болница Негорци, кај Гевгелија), случајот го пријавила во полиција. И отука целата рашомонијада околу приведувањето на наставничката која била пријавена за недолично однесување кое кај учениците предизвикало вознемиреност и страв, како што изјави директорката за „Фокус“.
Родителите на учениците изјавиле дека таа се однесувала „ирационално“. (ЛИНК)
Прашањето е: „Како работник кој во иста рабтна средина работи 20 години да не биде седнат на колегијален разговор „што му е, зошто зборувал нерационалности на работно место“, како колегите не откриле промена во однесувањето на работникот (наставничката) и како образовани луѓе во една образовна установа , во време кога депресијата има светски тренд на наплив во ова модерно време, да не се посомневаат на здравствен проблем, и наместо другарски, колегијален разговор, посегнуваат да ја пријават колешката во полиција каде болната жена веројатно доживеала дополнителен шок од спроведувањето и распитот?“