Службените возила во Македонија ќе мора да добијат ново обележување – црвени регистарски таблички. Сите институции имаат рок до 15 септември да го спроведат брендирањето, информира директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски.
Рокот за смена на табличките е 15 септември, но Томовски вели дека ако институциите не одговорат дотогаш, ќе може да го сторат тоа до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори.
– „Доколку некој проба да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот на регистрација секако ќе ги добие овие таблици“, изјави директорот на СОЗР на денешната прес-конференција.

Во Македонија има меѓу 7.000 и 7.500 службени возила, но точниот број не е познат бидејќи нема единствен регистар. Новото правило ги опфаќа сите возила во сопственост на државата – од владините и општинските, до оние на јавните претпријатија. Дел од возилата на МВР и АНБ ќе бидат исклучени, но останатиот дел мора да биде брендиран.
- „Ќе оставиме простор до понеделник сите институции да се огласат и да информираат за постапката“, додаде Томовски.
Одлуката за оваа новина беше донесена на владината седница на 29 јули, а први чии возила веќе се брендирани се СОЗР, ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа.
Со воведување на новите службени таблици институциите добиваат јасна обврска за правилно и транспарентно користење на државните возила, со што се зајакнува довербата на граѓаните и се обезбедува одговорно управување со јавните ресурси. Нема приватни патувања со службени автомобили, нема партиски карвани со службени возила.




















