Клиниката за гинекологија и акушерство се приклучува на одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените деца – 17 Ноември со цел подигнување на свеста за предизвиците и ризикот од предвременото породување, за начините да се спречи тоа, за тоа како на прематурчињата да им се овозможат најдобрите здравствени услови да преживеат и да напредуваат, како и давање поддршка на семејствата на овие дечиња.
Прематуритетот, останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, а некои од преживеаните деца се борат со тешки компликации врз здравјето.
Победник рекордер во оваа проблематика е д-р Лилјана Којиќ која пред шест години успеа да го спаси и најмалото предвремено родено дете во Македонија, малиот Бетим кој имаше само 700 грама при раѓањето, во 23-та гестациска недела од бременоста, а имаше должина од 31 сантиметар.
– „Пред 5.5 години, тета Љиља, заедно со тимот од одделот за Интензивна нега и терапија на Клиниката за гинекологија и акушерство ја изборивме најголемата битка: битката за животот на овој дечко. Цели 114 дена траеше таа борба (од кои 83 на апарат за механичка вентилација). Таа победа немаше да биде можна дури и со таков сложен, силно мотивиран и координиран тим, да не беше неговата голема борбеност и виталност. И една мајка, силна како карпа…
Бетим дете мое- летај низ животот на крилјата на успехот – СИ и остануваш мојата најголема гордост и успех“ – напиша на социјалнте мрежи спец. д-р неонатолог Лилјана Којиќ при ГАК.
– „Не, не е грешка: ова сега веќе големо, и убаво и умно дете, е она некогашното мало “зрно”, засега сеуште рекордно најмало бебе во регионот, родено во 23-та гестациска недела!“ – сподели фотографија д-р Којиќ заедно со Бетим со кој го прослави Светскиот ден на предвреме родените деца, 17 ноември.
Кај нас во Македонија, петпати во пет години е намалена смртноста на прематурусите (предвремено родените бебиња) во државата, информираат од Министерството за здравство.
– „Годинава (од 1.1.2023 до 14.11.2023), вкупната смртност на прематурчиња и на критично болни новороденчиња на ЈЗУ У ГАК е 5,6 проценти, со тенденција и понатаму да паѓа. Само за споредба од изминатите години кога Северна Македонија во 2016 година беше на врвот на смртноста на новороденчиња во Европа, проценот во изминатите години се движеше од:
2016 г. – 25 %;
2017 г. – 21 %;
2022 г. – 8,2 % и
2023 г. – 5,6 %“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити.