Со 88 гласа „за“, ниту еден „против“ и без „воздржани“, пратениците попладнево на итната 144. седница што ја закажа претседателот на законодавниот дом Јован Митрески ја изгласаа потребата од измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка со кои треба да се пролонгира рокот на важење на возачките дозволи со старото уставно име и по истекот на денешниот ден.
Станува збор за мали измени со кои во членот 5 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата зборовите „12 февруари 2024 година“ се заменува со зборовите „31 декември 2024 година“.
Инаку, актуелниот член од Законот гласи:
„Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година“. (изгласано е сега да стои во членот до 31 декември 2024 годин)
Ова значи дека граѓаните ќе можат да управуваат со своите возила на територијата на држава до крајот на оваа година со возачки дозволи кои го содржат името Република Македонија.
Предлагачи на измените се координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии во Собранието, односно Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), Мартин Коствоски (СДСМ), Вјолца Адеми (ДУИ), Димитар Апасиев (Левица) и Павле Трајанов (Демократски сојуз).
Договорот за донесување на законските измени е постигнат со консензус меѓу сите пратенички групи, а целта е да се изнајде брзо решение за проблемот со замената на личните документи, конкретно оној со возачките дозволи.