Според многумина, Прочка или народски познат уште како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, веднаш по Божиќ и Велигден. Главниот обичај односно проштевањето има христијанска основа.
Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење
На Прочка вообичаено се изведувале богати обичаи кои прераснале во традиции како простувањето, по што празникот го добил и името.
Простувањето има христијанска основа за помагање и проштевање. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето помеѓу себе. Небото бара прошка од земјата затоа што ѝ приредило громови, мразови, поројни дождови.
Луѓето пак бараат прошка еден од друг за грешките. Правилото е секогаш помладиот да бара прошка од постариот, децата од родителите, крстениот од кумот. Се започнува со најобичната реченица, но изговорена од срце: „Прости ми“ на што другиот одговара: „Простено да ти е од мене и од Господа“.
Во минатото тој што прв барал прошка носел некаков подарок, најчесто портокал, алва, јајце, па во таа смисла портокалот останал како симбол на простувањето.
Празникот Прочка симболизира богата трпеза. Во некои градови за празникот Прочка се палат големи обредни огнови, најчесто од смреки со цел да се избркаат злите духови од претходната година.
Денот по прочка се нарекува и чист понеделник, односно денот кога започнуваат велигденските пости и со него се означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
Дали вие ќе побарате прошка, или ќе простите некому денес?