Поддршката што ја добиваме од граѓаните во Изборната единица 4, каде што сум постојано присутен на терен, е одлична. Ова го изјави носителот на листата на СДСМ и Kоалицијата за европска иднина за ИЕ 4, д-р Венко Филипче при неговата денешна посета на Гевгелија.
Филипче истакна дека одзивот на граѓаните и нивната подготвеност за средба и отворен разговор за сите прашања ги потврдуваат сомнежите за местените анкети на ВМРО-ДПМНЕ.
– „Од ден во ден, од посета во посета, гледам се поголем ентузијазам кај нашите членови, но и кај сите граѓани кои пристапуваат, разговараат. Состојбата се менува и ВМРО-ДПМНЕ го очекува шокантен резултат, прво на 24 април, а потоа на 8 мај“, изјави Филипче.
Доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ се свесни за поразот што ги очекува е фактот дека тие веќе бараат алиби за лошиот резултат.
– „Постојаните напади и негативна кампања врз мене од страна на Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ, без ниедна друга понуда за граѓаните покажува дека кај нив владее страв. Веќе десет дена од него не слушнавме ниеден конкретен проект, никаква конкретна понуда. За разлика од нив, ние веќе ги презентиравме клучните проекти и секојдневно сме на терен меѓу луѓето“, истакна Филипче.
Тој додава дека според негови информации, тајниот оперативниот штаб за пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ спрема црна кампања против него.
– „Информациите се дека подготвуваат и фабрикувани кривични пријави со цел да ме замолчат или заплашат. Им порачувам дека таквите стратегии само ќе ги влечат повеќе кон дното. Тајните оперативни планови со кои ја фабрикуваат реалноста не поминуваат. Граѓаните одамна го изгубија стравот од ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволат пак да бидат изманипулирани“, вели Филипче.
Тој напомена дека ниту една црна кампања не може да ги негира достигнувањата и делата што тој ги има реализирано до сега и конкретните планови за иднината што ќе добијат широка поддршка од граѓаните.
– „Тука сум да им ги презентирам нашите планови на граѓаните, да се сретнам со што поголем број на луѓе и да понудам помош и поддршка секаде каде што можам“, завршува Филипче.