Компанијата „ОКТА“ донира 901.173 денари за општина Гевгелија. Толку изнесува вредноста на новата фолтоволтаичната централа која во целост треба да ги покрие потребите за електрична енергија на ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија.
Фотоволтаици со капацитет од 31 KW ќе бидат инсталирани на централната детска градинка. Целиот проект е дело на компанијата „ОКТА“ која ја отстапува оваа донација за Гевгелија.
Советот на општина Гевгелија денеска, на 43-та редовн седница, едногласно донесе одлука за прифаќање на донацијата и го задолжи одделението за правни работи при Општина Гевгелија да ги превземе сите правни дејства пред надлежните државни органи.
Во одлуката се наведува дека донацијата не создава никаква корист за давателот, ниту обврска за враќање од примателот на донацијата, која е дадена за цели од јавен интерес.
До соработката меѓу компанијата „ОКТА“ и општина Гевгелија дојде преку иницијатива од „ОКТА“ која во рамки на своја стратегија за корпоративна општествена одговорност искажа намера да донираат фотоволтаични централи на неколку јавни институции во државата. Меѓу нив е и детската градинка „Детска радост“ од Гевгелија.
ОКТА во своето писмо на намери информира дека изготвувањето на проектот ќе биде од нивен стручен тим, а фотоволтаичната централа ќе биде монтирна од страна на изведувач по избор на „ОКТА“ АД Скопје, по принципот „клуч на рака“.
Ете, добрите корпоративни одлуки на општествено одговорни компании стасаа и до објектот наменет за најмалите од нашата општина ДГ „Детска радост“. Сами ќе произведуваат електрична енергија за своите потреби, потребите за функционирање на објектот.
Нека им е со среќа на децата и тамошните вработени!