“Запеј, запеј бистра водо
и ти сонце мило златно”
е рефрен од песна на гевгелиската група “Зијан” инспириран од убавините на југот.
Во таа низа на убавини е и природното излетничко место Сифулајка, сместено во недопредите пазуви на Кожуф планина, по течението на Конска река.
Рајот на земјата под јаворовите сенки го откриле и го уживаат локалните жители, а спој со урбанизацијата има само со близината на асфалтниот пат кој води од Гевгелија до Смрдлива вода. Некој на брегот поставил дрвена масичка и клупи што е порака дека пак ќе се врати да ужива во божјиот дар на земјата, без замерка ако тоа бидат и други љубители на природата.
Се наоѓа на 7 километри западно од Гевгелија и е место за разладување без капар и резервација за време на летните горештини.