По неколкудневните активни шумски пожари низ државата, пожарот кој денеска попладне изби во центарот на Ново Село пеплоса две куќи и неколку помошни простории, со што елементарната непогода на лице место докажа дека е непредвидлива и брза кога се во прашање штетите и загубите. Загубени се лични имоти, кои за сега немаат проценка.
Од ЦУК јавуваат дека попладнево избил силен пожар во плевна на куќа во општина Ново Село кој потоа брзо се проширил на соседните три куќи. Огнот се ширел многу бргу, а во близина има бензинска пумпа. Триесетина струмички пожарникари се обидуваат да ја изгаснат огнената стихија, но во дворовите на куќите има многу горлив материјал поради што гаснењето е отежнато.
Кон пожарот се упатени и еден полициски и еден армиски хеликоптер. Полицискиот започнува со дејство, а армискиот во секој момент ќе биде таму.
Горат куќи од левата страна на главниот пат низ Ново Село од насока на Струмица.
По интервенциите на 30-на пожарникари од ТППЕ Струмица, пожарот во Ново Село се гаснеше и со хеликоптери. Пожарот пеплоса две куќи и неколку помошни објекти на улицата „Цар Самуил“ во Ново Село, јавува локален портал.