Највисоката награда ГРАН ПРИ што ја доделува Фестивалскиот одбор при Интернационалниот фолклорен фестивал за деца „Оро без граници“ во Тиват, Црна Гора вечерва им припадна на членовите на Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци.
Од 21 август до денеска тие ја воодушевуваа публиката со своите настапи. Своја сценска изведба имаа и вечерва пред бројната публика на отворената сцена на плоштадот во Тиват.
Изненадени и почестени со највисокото фестивалско признание „мегданци“ со оваации ја примија објавата дека се први, најдобри, најоригинални и уметнички најбогати во својот приказ на традиционалниот фолклор од Македонија. Наградата ја прими Петар Стојчевски, кореограф на ансамблот.
ФА „Мегдан“ беше единствен претставник од нашата земја на овој Интернационален фестивалски настан за деца „Оро без граници“, каде настапија уште и фолклорни друштва од Хрватска, Романија, Полска, Молдавија, Црна Гора.
Децата од Македонија, од Богданци дома се враќаат со највисоката награда претставувајќи ја својата земја со песни, ора, македонската традиција, фолклор, а се покажаа вредни и спретни и во работилниците и спортските забавни игри што ги организираше домаќинот на Фестивалот.
Браво деца, гордост сте наша!