Со извонреден резултат од 2:15:55 минути, со кое време гевгелискиот атлетичар истрча траса од 800 метри на Балканското атлетско првенство за ветерани во Крајова, Романија, Влатко Семенаков го освои високото 4-то место меѓу Балканските ветерани.
Тој настапи во категорија Мажи на возраст од 40+ години.
Познатиот тренер на нашиот олимписки атлетичар, Игор МЦ Јакомовски за ова спортско достигнување изјави:
– „За некоја стотинка не освои бронзен медал, но овој страшен резултат за мене го направи вистински победник. Браво профа и секоја чест 🇲🇰“ – напиша МЦ на социјалните мрежи.

Атлетичарот Семенаков е спортист, професор по спорт и здравје во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, фудбалски и атлетски тренер, активен и во својата 40+ ветеранска категорија, но и освојувач на подиуми во Македонија, во домашна и меѓународна конкуренција. Подраго му е да учествува, победува, отколку да ги брои годините до активна ветеранска класа.
За него овој резултат од 2 минути 15 секунди и 55 стотинки е личен рекорд, веројатно и гевгелиски рекорд и се гордее на постигнатото, очекувајќи дека на следниот балкански митинг ќе ги сотре тие неколку стотинки за да се искачи на подиум.

Сепак, знамето на Македонија се провеја низ Крајова, за 4-от носител на брзинско време на 800 метри на Балканот.
Браво професоре! Вие сте и тренер, и професор, и спортист, и пример за Вашите ученици, новите спортски генерации, и потстрек за ветераните да не се откажуваат од спортскиот живот и активноста!






















