Клиничкиот психолог Јован Велески, кој работи со посетителите на советувалиштето за зависници од коцкање, oтворено во Прилеп, објаснува дека станува збор за релативно млади лица, од кои најмладата пациентка има 22 години. Тој истакнува дека зависноста од коцкање е социо-патолошка состојба со медицински импликации.
– „Живееме во време во кое слободата на индивидуата е важна, но таа слобода треба да има позитивни последици за околината. За жал, слободата на располагање со сопствените ресурси често не е дефинирана доволно јасно, што води до проблеми како зависноста од коцкање и злоупотребата на пари“, вели Велески.
Заедно со примариус д-р Павлина Васкова, национален координатор за болестите на зависности, тие развиле програма која нуди терапевтски решенија за справување со овој тип зависност, интегрирани преку Здружението за болести на зависности.
Во Македонија, зависноста од коцкање не се смета за медицинска дијагноза, иако според Меѓународната класификација на болести, таа припаѓа во категоријата нарушувања на навиките и импулсите. Некои земји во Европа, како Хрватска и Словенија, веќе имаат развиени програми за групна психотерапија за зависниците од коцкање, но во Македонија приоритет останува индивидуалната терапија.
Велески истакнува дека младите лица полесно можат да се насочат кон позитивни промени преку терапија, и ги охрабрува професионалците од земјава да се ангажираат за работа со овие категории.
Преку здружението за борба против зависностите, постојат и други советувалишта кои пружаат поддршка и насоки за справување со зависноста.
Освен во Прилеп, преку Здружението за борба против зависностите, советувалишта има и во Скопје и во Куманово, објави МИА.
Граѓаните, и младите, и постарите признаваат дека оваа зависност е се’ поголема кај нас и дека потребни се вакви советувалишта и програми. Без итна и поголема државна стратегија и кампања против овој порок истиот ќе добива се’ поголем замав кај граѓаните.