Изминатиот викенд во Негорци се одржа третиот турнир во пинг-понг кој беше и најброен и меѓународен за разлика од претходните спортски случувања на „NEGORCI OPEN 2025“.
Настапија 70 натпреварувачи од 10 пинг-понг клуба од државата: од Скопје, Радовиш, Битола, Кратово, Велес, Куманово и Македонска Каменица во двата натпреварувачки дена, како и натпреварувачи од Негорци и Гевгелија.
Меѓународното ниво беше застапено со учеството на натпреварувачи од соседна Србија, како и јуниорскиот првак на Турција до 12 години, Kuzey Mehmet кој дојде од Северен Кипар и освои 3то место на турнирот.

Ова се пласманите за Левел Б Турнирот:
1. Прво место – 🥇 Слободан Грковски (Скопје)
2. Второ место – 🥈 Борче Талевски (Битола)
3. Трето место – 🥉 Кристијан Бојмалиев (Негорци)
4. Трето место – 🥉 Kuzey Mehmet (Турција).

Во неделата се одржа „Negorci open masters“, а ова се Пласманите:
1. Прво место – 🥇 Борче Талевски (Битола)
2. Второ место – 🥈 Теодор Кировски (Скопје)
3. Трето место – 🥉 Сашо Стојановски (Скопје)
4. Трето место – 🥉 Зоран Леов (Велес).

Настанот се одржа во салата на Младинскиот дом во Негорци во организација на спортскиот ентузијаст Кристијан Бојмалиев од Негорци. Пинг-понг турнирот се одржа и минатата година, а со годинашната организација покажува тенденции да биде традиционален спортски настан.


Организаторот Бојмалиев за GevgelijaNet изјави:
– „Горд сум на се’ што се постигна во комплетниот концепт „Negorci Opеn 2025“. Се одржаа 5 различни настани во еден концепт, во 5 различни конкуренции: Жени, Ветерани, Бизнис Лига која траеше три месеци, Левел Б турнир и Мастерс. Се заблагодарувам на сите кои помогнаа да се одржи овој настан особено на двата главни спонзора „Илинден 2007“ и „Ресторан Романса“ Прдејци.
Изјавувам дека во иднина продолжувам со „Negorci Open“ трето издание и ќе се борам со сите алатки што ги знам и умеам за доброто на пинг понгот во нашата општина“ – рече Бојмалиев.
Дека пинг-понгот отвара можност за спортски растеж на Негорци покажува и интересот на спортистите за учество на „Negorci Open“. Минатата година имало само 17 учесници, а годинава 70 натпреварувачи од 11 општини од државата и меѓународни учесници од Србија и Турција.
Ова е податок кој укажува на тоа дека заедно со турнирот време е за клубски растеж на пинг-понгот во Негорци и Гевгелија.

