Од утринава студен бран навлезе в државата и донесе услови за снежни врнежи на повисоките места и во некои градови. Во Скопје од утрово врне снег, а според прогнозата на синоптичарите денеска во главниот град ќе има повремени врнежи од дожд и снег и ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Снег врне и во останатите делови од државата, а според утринските информации од Управата за хидрометеоролошки работи, најмногу снег има на Попова Шапка каде висината на снежната покривка е 29 сантиметри по што следуваат Маврови Анови со 7 сантиметри и Крива Паланка со еден сантиметар.
Гевгелија го дочека утрото со 6 степени целзиусови и наврнат воден талог во текот на ноќта од 0,3 литри на метар квадратен и активен ветер од северозападен правец со брзина од 14 км/час.
Дневната температура денес ќе се движи од 7 до 12 степени Ц.
Од утре веќе се очекува намалување на облачноста, а од среда времето ќе биде претежно сончево со ниски утрински температури.