Денеска во 11:30 часот пријавено е во ТППЕ Гевгелија за настанат пожар во атарот на с.Миравци, гевгелиско, во близина на ветерните електрани. Горел шумски појас од дабови и букови дрвја, но и ниска вегетација, прнар, смреки и млади фиданки во месноста наречена „Ѓуптин“.
Први на терен се упатија пожарните сили на ТППЕ Гевгелија со 2 противпожарни возила и 4 пожарникари.
Поради широчината на опфатот на пожарот на помош пристигнала помош од ТППЕ Неготино со 2 ПП возила и 4 пожарникари. На терен биле и 5-мина вработени од Шумско стопанство „Кожуф“ Гевгелија, како и двајца доброволци од ДППД „Свети Спас“ Гевгелија.

Акцијата за гаснење на пожарот траеше се’ до крајот на денот, односно до 19 часот, додека имаше услови за интервенција, а потоа поради слабата видливост на непознатиот шумски терен акцијата беше привршена.
Засега, пожарот е локализиран, но се’ уште активен. На терен се пожарникари од ТППЕ Гевгелија и ШС „Кожуф“ кои дежураат, го следат правецот на огнената закана, со намера да интервенираат за заштита на ветерниот парк и населбата која сепак е оддалечена и не е под огнена закана.

Останува утре со првите знаци на зазорување да се активира тимот за гаснење на ТППЕ Гевгелија и да продолжи акцијата се’ до конечна елиминација на пожарот.
Посакуваме, мирна ноќ и без ветер за да не дивее огнот.



















