Спортската редакција на GevgelijaNet.com следејќи ги спортските настани во општината Гевгелија и регионот во текот на 2024 година, со постигнатите резултати како дете-спортист, дете-атлетичар, заради бројните освоени трофеи, заради младешкиот елан и инстинкт за нови победи ја прогласи Бегова за „Најнадежна млада спортистка од Гевгелија за 2024 година“, за нејзиниот придонес во афирмацијата на спортот, на спортска Гевгелија и активација на младите и децата во спортот.
Наградата ја заслужи со своето учество на бројни атлетски трки, од кои таа секогаш освојуваше подиуми во текот на целата измината 2024 година, а со две победи ја стартуваше и натпреварувачката сезона за тековната 2025 година.
Ана е девојче на 10 годишна возраст, ученичка во петто одделение во ООУ „Владо Кантарџиев“ Гевгелија, но и активен ученик-спортист во „Школата за атлетика“ при Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија. Вели дека не пропуштила ниту еден тренинг до сега, а се одржуваат три пати во неделата.
На средбата при врачувањето на Плакетата Ана сакаше да ги презентира сите свои медали, пехари, освоени трофеи за освоените подиуми. Има 6 пехари и 17 медали за освоени 23 подиуми на натпревари ширум државата, но и во соседна Грција, Србија. Пехарите се за освоено ПРВО место, 15 медали се за победа на детските трки во својата категорија, а две се победи во сениорска конкуренција на трки од 5 километри, што е раритет за нејина возраст.

GevgelijaNet: Како ја откри твојата способност да трчаш и да победуваш? Дали тоа произлезе од детските игри, „трчкачка“ во малото, како што практикуваат малите кај нас?
Ана Бегова: „Јас отсекогаш трчам, дома во двор, или околу маалото“- вели Ана која не може да утврди почеток на нејзината пасија за трчањето.
На помош пристапи дедото Љубинко: „Ана секогаш трча. Семејството се реши во 2023 да ја пријави за учесник во детската трка на „November Run“ во Гевгелија и таа година го освои второто место. Тогаш дознавме дека умее да трча, па и да победува. После тоа семејството одлучи да ја запише во „Школата за атлетика“ при АК „7 Ноември“ и овде да ги научи техниките на трчање, за полесно да победува. Понатаму се’ е во рацете на тренерот и амбициите на Ана“ – вели дедото Љубинко.
За вољата на Ана да трча потврди и мајката Елена:
– „Ана е девојче кое сака игри со топка и да трча. Во текот на детството ние дома не сме купиле кукла, не побарала кукла, само топка за изгра и задоволна е“ – вели мајката.

GevgelijaNet: Дали овие спортски амбиции се некои наследени семејни корени кои го изразуваат спортскиот порив кај Ана?
Таткото Марјан Бегов: Ние во семејството спортуваме рекреативно, следиме спортски настани, и Ана доаѓа со нас, но никој не се занимавал посериозно со спорт. Затоа целото внимание и поддршка од нас го има Ана. Секогаш сме со неа на сите настапи, каде и да трча, каде и да се натпреварува. Тоа е нејзина опсесија да трча и да победува, а ние ја поддржуваме во тоа се’ додека трчањето и атлетиката ја прават среќна.
GevgelijaNet: Ана, ти уживаш во трчањето. Што си мислиш кога си на трка, кога си на патеката со сите натпреварувачи? Која ти е мислата водилка додека си на тркачката траса?
АНА Бегова: Па, ДА ПОБЕДАМ! Само на тоа мислам. Да бидам ПРВА!
Е, ова е веќе сериозен спортист. Не оди на натпревари за да си ги прошета новите патики, или новата спортска опрема за трчање, туку строго и сериозна определба за победа. Ова го потврди и нејзината мајка.
Мајката Елена: „Задоволство е да се види насмевката на Ана кога ќе победи, кога ќе се качи на највисокиот подиум, кога ќе освои медал за прво место. Ние од семејството живееме за таа нејзина насмевка. За второ место знае да биде помалку насмеана, а пак среќна“, ни’ открива мајката на малата шампионка Ана.

GevgelijaNet: Освен спортот и трчањето, имаш ли ти Ана некој омилен предмет на училиште?
Ана гледа во родителите со прашање во очите дали да ја каже вистината. Поглед кој мајката Елена го разбра и ја охрабри: „Па речи си ја вистината – Физичкото образование како предмет ти е најсакано“.
АНА: „Да, ама не знаев дали треба тоа да го кажам (се сомневаше малата Ана дали да открие дека е целосно вљубеник во спортските активности и на училиште). Исто така ме интересираат и природните науки, особено интересни ми се часовите со експерименти, и секако, историјата ми е интересна“.

GevgelijaNet: Ана оствари веќе две победи во 2025 година, едната на 8 километри траса во детска конкуренција за девојчиња во Долни Дисан, неготинско и минатата недела во Ниш, беше победник на трката од 5 километри во сениорска конкуренција каде победи атлетичарки двократно постари и поискусни од неа, ама малата и брза Ана нема страв, ниту трема пред големите спортски авторитети.
Кои се следните настапи за ова брзинско девојче е прашање кое го поставувме на нејзиниот тренер.
Тодор Анчев: „Следниот настап на тркачките патеки за Ана го планираме за 9 март, оваа недела на Кавадаречкиот полумаратон каде Ана ќе настапи на детската трка заедно со уште 11 членови на „Школата за атлетика“ од АК „7 Ноември“ Гевгелија. Истиот ден 6-члена екипа на гевгелискиот атлетски клуб ќе настапи на трки во Катерини, Грција. Се трча на траси од 400, 600 метри и на траса од 5 километри.
Ана е посветена на атлетиката, секој тренинг е присутна, ги следи и техниките за трчање и техниките за разгибавање и држење на телото. Во Школата за атлетика ќе стекне психофизика спремност кога ќе порасне ќе може да се определи и за некој друг спорт, кошарка, или тенис, како ќе ја носи желбата, така нека се развива во спортот. Тоа е наша работа на тренерите во Школата за атлетика заедно со колегата Влатко Семенаков“ открива Анчев.

После ова експликација ја оставаме Ана да ужива со своите трофеи, медали, со победите, со задоволството во кое живее како дете, со поддршката од родителите, со спортските насоки од тренерите.
Ние сме среќни што оставајќи траг на тркачките патеки како ПРВА на Целта, ја заслужи целосно Плакетата која и ја доделува спортската редакција на GevgelijaNet за Најнадежна млада спортистка во Гевгелија за 2024 година.
Нека ти се множат победите Ана и среќно, и на тркачките патеки, и во животот!