Градот на културата за 2025 година не прогласи денови на жалост, но Миравци, центарот на настанот на манифестацијата „Ѓура Мара“ веќе три дена е во жалост. На ден пред Велигден почина 19 годишниот Томче.П, поддржувач и симпатизер на КУД „Танец“ од Миравци, еден од новата генерација раскажувачи на фолклорните традиции од овој крај. Но, сега ќе им раскажува на ангелите.
– „Веќе на никој во село Миравци не му е до песна и ора“ – беа реакциите на социјалните мрежи со барање да се одложи манифестацијата поради несреќниот настан со младиот Томче.
Културниот настан „Ѓура Мара“ е дел од Програмата на Општината „Гевгелија град на културата 2025“ и закажан со термин на одржување за утре 22 април.
Организациониот одбор на културната манифестација „Ѓура Мара“ чиј организатор е КУД „Танец“ од Миравци денеска на вонреден состанок донесе одлука да ја одложат манифестацијата за одреден период.
Традицијата ќе се одржи, но некој друг ден од целогодишниот настан „Гевгелија град на културата 2025“. Традиција е и да се жали за покојникот, во случај имаме младо момче загинато во сообраќајна несреќа за кое цело село жали, и роднини, и пријатели, и другари, и познаници. Миравци е во тага. Третиот ден од Велигден нема да се слави спасувањето на момата Мара од турците, 1,5 вековна традиција во Миравци, туку ќе се тагува по неизживеаната младост на Томче.