На повеќе локации низ државата, Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска спроведува акција која е под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според информациите од ОЈО ГОКК и од МВР, станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство.
Неофицијално се работи за долгогодишно незаконско работење со прикажување на лажни дијагнози овозможувале аплицирање, добивање и користење на финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.
Поради обемот на акцијата, повеќе информации од ОЈО ГОКК велат дека ќе бидат споделени по завршување на акцијата.
Според извори на „Канал 5“ се работи за мрежа составена од преку 50 лица: доктори, член на комисија во пиом, адвокат, вешто лице, управител на консултантско биро, претреси се прават и во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат докторите – на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница Тетово и ЈЗУ Општа болница Велес.
Со акцијата, како што неофицијално се дознава, опфатени се неколку десетици осомничени, а станува збор за предмет што ОЈО ГОКК го има работено подолг временски период. Во предистрагата користени се посебни истражни мерки со кои биле регистрирани директни контакти меѓу осомничените и примање и давање поткуп.