- „Те убија, мајкино…“ – со овие зборови започнува потресната објава на Верица Трифуновска, мајката на Моника Спасова, која трагично го загуби животот во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“.
Нејзиниот статус, објавен 100 дена по трагедијата, е крик од дното на една уништена мајчинска душа, но и обвинение со адреса – кон системот, алчноста и бесчувствителноста.
- „Ја убија твојата убавина, твојата светлина што зрачеше како дијамант… Твојот живот насилно ти го одзедоа алчните и заслепени по материјалните добра на земниот жживот. Но, ти ангелу мој, хероју со пречиста душа, замина и верувам дека сега си во рајот и си најсветлиот ангел на небото“, напиша Трифуновска.

Во статусот нема место за простување: – „Ладнокрвните убијци што те убија мајкино ќе горат во пеколот. Нека уживаат сега во земниот живот, но во царството небесно за нив нема место.“
Својата болка ја претвора во завет:
-„Додека сум жива ќе се борам за твојата правда. Нема да дозволам твојата смрт да биде продадена.“
Објавата на Верица е сведоштво за личната траума, но и за колективната одговорност – за животот што згасна, за системот што затаи, и за болката што нема крај.
„Те сакам, мајкино око. Многу, и ми фалиш многуууууууу…“ – завршува нејзината објава.
Моника беше завршен студент по безбедност, припадник на безбедносните сили на Македонија, сопруга и мајка на малолетно дете. Сега почива непрежалена од сите кои ја сакаа и уште ја сакат и тажат по неа.
