Во организација на Фондацијата „Ице Бегов“ и ЗПСК „Кожуф“ Гевгелија денеска се одржа третиот Инклузивен марш на планинарите, лицата со попреченост и членови на фондацијата „Ице Бегов“ која се јавува како иницијатор и организатор на истиот.
На маршот учествуваа над 100-на учесници од Гевгелија, Дојран, Валандово, Стојаково. Беше посетен планинарскиот дом „Иван Шутов Кротки“ во подножјето на планината Кожуф, а беше организирана и прошетка по планината низ кратките прилагодени патеки во близина на планинарскиот дом.
Ден за дружење, ден за паметење, ден за инклузива, социјални контакти на лицата со попреченост и доказ дека и тие можат да се дружат и уживаат во заедничките моменти.
– „Прекрасен ден поминат во природа, ден каде што инклузијата за момент од збор стана реалност, можност за сите кои сакаа да поминат по инклузивната планинска патека, помогнати од волонтерите на Фондација Ице Бегов, ЗПКС Кожув и личните асистенти“ – изразија задоволство за организираниот настан од ЗГ „Мобилност“ Гевгелија.


– „Истиот жар и емоции како и првата година. Заедништвото се случува, не е апстракна именка!“ – коментираат од Центарот „Мајка Тереза“ Гевгелија кои исто така денеска учествуваа на инклузивниот марш заедно со своите штитеници.
Во дворот на планинарскиот дом, под ладовините на Кожуф беа организирани и креативни работилници, игри за забава, пикадо и случно, со цел да се активираат гостите, учесници на инклузивниот марш.

Штитеници од Центарот „Мајка Тереза“ подготвија медали за сите учесници на Третиот инклузивен марш на Кожуф и ги поделија на присутните за спомен и сеќавање на убавиот ден во природа со инклузива. Медалите ги подготвија со помош на ЦНЦ машината донирана пред една година од Фондација ,,Ице Бегов” за потребите на изведба на работни активности на тамиошните посетители на Центарот.
Убав ден, убави спомени, нека траат, нека има и повеќе такви дружења меѓу нас!