Група експерти од различни природно-научни дисциплини упатија јавен апел за итна заштита на Дошница и на подрачјето околу Демиркаписката Kлисура. Биолози, геолози, географи и хидролози изразуваат загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроенергетски објекти во сливот на реката Дошница.
Според нив, овие планови се актуелизираа во време кога е во тек сеопфатен процес на валоризација за прогласување на подрачјето на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје, кое го опфаќа целиот слив на долното течение на реката Дошница.

Дошница – една од најчистите реки
Министерството за животна средина и просторно планирање го утврди прогласувањето на заштитено подрачје на територијата на Општина Демир Капија како приоритет во својата Програма за заштита на природата за 2024 година. Тековниот процес на валоризација има цел да ги идентификува значајните природни и пејзажни карактеристики на поширокото подрачје на Демиркаписката Клисура и да подготви стручна основа за негово идно прогласување за заштитено подрачје. Ова вклучува и детална анализа на долниот тек на реката Дошница, препознаена како една од најчистите и највредните водотеци во Северна Македонија, богата со ендемски и ретки биолошки видови, исклучително значајна за зачувување на биодиверзитетот и водниот режим во регионот.
– „Со оглед на тоа што сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје, секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности, како што е изградбата на мали хидроцентрали, мора итно да се стопира“, вели Митко Караделев, професор на Институтот за биологија на ПМФ.
Д-р Караделев е роден во Богданци, се школувал во Богданци и Гевгелија, дипломирал на ПМФ во Скопје и честа дестинација за неговите истражувања на неговата професионална определба „биологијата“ беше токму планината Кожуф и нејзините природни и растителни карактеристики. Како познавач на тоа „како дише и се развива природата, со нитки на взаемен живот на видовите природни богатства“ неговото мислење е релевантно и научно поткрепено.
Итен мораториум
Експертите предупредуваат дека продолжувањето со вакви активности пред завршување на студијата за валоризација и пред донесување конкретни одлуки за зонирање и управување, може да резултира со непоправлива штета врз екосистемите, хидролошкиот баланс и потенцијалот за одржливо користење на подрачјето.
Затоа, експертите предлагаат итен мораториум на сите активности поврзани со изградба на мали хидроцентрали или други инфраструктурни зафати кои носат ризик од деградација на природните вредности. Притоа, потребно е прво да се заврши целосната валоризација на подрачјето, да се дефинираат границите и зоните на заштита и да се изработи соодветен план за управување со идното заштитено подрачје.

Групата апелира до надлежните институции, инвеститорите и пошироката јавност да го почитуваат овој научно-стручен пристап и да се воздржат од какви било зафати што можат да го компромитираат значењето и интегритетот на овој сè уште незаштитен, но извонредно вреден природен простор. Експертите бараат министерот за животна средина и просторно планирање да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.
На планината Кожуф веќе цел месец кампуваат еко-активисти кои се противат на изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница. На 26 јули на блокадата се приклучи и светски познатата активистка Грета Тунберг, пишуваа DW.