Интернационалниот фолклорен фестивал „Doina Covurluiului“ кој се одржува 18-ти пат во Романија ги закити нашите играорци од ансамбл „Бојмија“ Гевгелија со „Награда за извонредност“ за нивните автентични сценски настапи, презентација на културните традиции од Македонија и Гевгелија и ширење на мир и пријателство.
Оваа награда им беше врачена синоќа на последниот фестивалски ден кога играорците од „Бојмија“ ја имаа честа со свој сплет од сценски игри, ора и песни да ја воодушеват публиката и да го затворат 18-то издание на Фестивалот „Doina Covurluiului“ во Галати, Романија. Настапот го изведоа на сцената на „Gradina Botanică Galaţi“.
Видео од настапот на финалниот вечерен концерт од Фестивалот на гевгелиска „Бојмија“:
Наградата ја прими првиот тапанџија од оркестарот на Ансамбл „Бојмија“ со овации од публиката за извонредниот настап на финалната вечер од фестивалот.
Извонредни во песната, ората, музиката, пријателствата – играорците од „Бојмија“ оставаат впечатоци секаде каде шо настапуваат. Со таква ѕвезда на пријателство и отвореност тие беа највесели и најгласни и на заедничката забава помеѓу играорците од другите земји учеснички на Фестивалот. Годинава Фестивалот го збогатија настапите на ансамбли од 11 светски земји: секако домаќинот Романија, потоа извонредните од Македонија, Турција, Италија, Грција, Франција, Чешка, Мексико, Индонезија, Мароко и Конго.
И покрај енергијата на сите фолклористи од светот присутни на Фестивалот, забавата не можеше да помине без „Бисер Балкански“ и експресијата од македонските тапанџии од „Бојмија“.
Честитки за „Бојмија“ – културниот амбасадор на Македонија од југот, од нашата Гевгелија!
