Србија би можела да стане првата држава, по Русија, каде што на пациентите ќе им биде достапна персонализирана МРНК вакцина за лекување на канцерогени заболувања, соопшти Ненад Поповиќ, министер во Владата на Србија, надлежен за меѓународна економска соработка, за РТС.
Иновативната вакцина против онколошки заболувања е изработена во Русија и ги завршила сите фази на тестирање на животни, каде што, како што нагласува Поповиќ, е забележан целосен успех. Се очекува дека во блиска иднина, руското Министерство за здравство ќе го одобри нејзиното применување кај луѓе.
Минатата седмица, висока делегација од Руската Федерација ја посети Србија, предводена од академиците Александар Гинцбург, директор на Институтот „Гамалеја“, и Андреј Каприн, главен онколог на Русија и директор на најголемиот онколошки центар „Герцен“. Во составот на делегацијата беа и претставници на Министерството за здравство и на Рускиот фонд за директни инвестиции, а на крајот од посетата имаа средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– “Разговаравме за сите аспекти на идната соработка, вклучително и можноста Србија да се вклучи во примената на оваа револуционерна вакцина”, изјави министерот Поповиќ.

Во моментов, вакцината е наменета за третирање на меланом и одредени типови на рак на белите дробови, но се развиваат и други верзии за лекување на различни видови на рак. Се работи за прилагодена терапија, која се изработува индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот генетски код.
– „Генетскиот материјал на пациентот се зема и се комбинира со ткивото во кое се развил туморот. Со помош на најсовремени математички модели и вештачка интелигенција, вакцина наменета за тој конкретен пациент се добива во рок од само седум дена”, појасни Поповиќ.




















