Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска (21 октомври) почна да ја отслужува петгодишната затворска казна за криминална завера со Либија околу нелегално финансирање на кампања.
Саркози, кој беше осуден минатиот месец, е првиот поранешен француски лидер кој е затворен од времето на нацистичкиот соработник маршал Филип Патен од Втората светска војна.
Кратко откако се упати кон затворот, Саркози објави долга порака на X тврдејќи дека е жртва на одмазда и омраза.
- „Сакам да му кажам (на францускиот народ), со непоколебливата сила што ја имам, дека не е поранешниот претседател на Републиката тој што беше затворен утрово – тој е невин човек“, напиша Сакрози.
Осудата на Саркози стави крај на долгогодишните правни битки околу обвинувањата дека неговиот изборен штаб зел милиони во готово од либискиот лидер Моамер Гадафи, кој подоцна беше соборен и убиен за време на Арапската пролет, во 2007 година.

Иако Саркози беше прогласен за виновен за заговор со блиски соработници за организирање на шемата, тој беше ослободен од обвинението за лично примање или користење на средствата.
Тој цврсто негираше дека го прекршил законот и тврди дека случајот е политички мотивиран.
Неговите адвокати изјавија дека поднеле барање за предвремено ослободување, во исчекување на почетокот на неговата жалбена постапка, и очекуваат тоа барање да биде разгледано за околу еден месец. Тие рекоа дека се надеваат дека Саркози ќе биде условно ослободен до Божиќ.

Фото: АФП
Извор: РСЕ



















