На традиционалната трка на изрржливост „Punk’s Backyard Ultra“ што се одржа по трет пат на терените на Негорски бањи во Гевгелија на трасата истрчаа генерации со шест децениски распон.
Тоа го покажуваат титуларите најмал и највозрасен учесник на трката на издржливост „Punk’s Backyard Ultra“ 2025.
Најмалиот учесник беше малата Лина Шиповиќ која има само 5 години, а гордо го истрча првиот круг од трката во должина од 6,7 километри. Тоа е голем зафат за неа и затоа беше наградена од организаторите како и секој учесник со слатко од диви смокви и ознаката „1“ за истрчан еден круг.

Еве ја овде како трча со својата мајка Катерина Шиповиќ која беше победник на трката „Punk’s Backyard Ultra“ во 2024 година и истрча 30 круга за 30 часа во вкупна должина од 201 километар.
Ете вака малата Лина ги следи спортските стапки на својата мајка победничка!

Во категоријата „највозрасен учесник“ годинава се истакна самиот основач на трката „Punk’s Backyard Ultra“, а тоа е 65 годишниот Трајче Панковски од Здружението „Trex“ од Скопје.
Панковски го истрча почесниот прв круг од трката и се фотографираше на паното од трката со неговото име Punk’s заедно со наградата-тегло слатко од диви смокви и ознаката „1“ за истрчан еден круг.

Трајче Панковски е долгогодишен активен спортист, планинар, ридско-планински тркач, софтверски архитект. Пред 15 години во Македонија го основа ридско-планинското трчање кое привлече многу симпатизери поради предизвикот да се трча во природа.
Во 2012 година Панковски учествуваше на планинарскиот ултра маратон со должина од 160 км кој по јубилеен 10-ти пат се одвиваше околу Мон Блан. На оваа најтешка трка на Светот за прв пат имаше претставници од Македонија, тоа беа Панковски и Жикица Ивановски.
Истата година тие заедно беа учесници и на големиот маратон во Италија во Кортина Д’Ампецо каде Жикица Ивановски го освои 36-тото место од 600 учесници.

Значи „Punk’s Backyard Ultra“ е привлечна сила за докажаните треил тркачи и новите генерации кои доаѓаат и се ориентираат кон ативно спортување со трчање.
Браво за најмалата учесничка Лина!
Честитки за Панковски што освен партиципација во спортот создава и нови спортски предизвици за новите генерации!


















