Старата чешма со корито и заѕидан постамент, украсена со црвена ѕвеззда петокрака се наоѓа на улица „Железничка“ во двород на железничката административна зграда во Гевгелија. Денес е нефункционална, но некогаш ја гаснела жедта на патниците кои овде минувале, патувале, доаѓале во Гевгелија. Чешмата датира од 1955 година и претставува доказ за постоењето на водоводните системи во градот на југот. Ова е урбана историја на Гевгелија стара седум децении.
Инаку, Гевгелија уште во средината на 19 век, пред да биде прогласена за град, имала повеќе маала во кој функционирал водоводен градски систем од бунари, цевководи и чешми. Скоро секоја куќа во авлијата имала бунар, чија длабочина изнесувала од 8 до 10 м, додека водата до чешмите се пренесувала на трошок на општината, со земјени цевки од растојание на околу 3 км.
Исто така, градот имал и градски одводен систем кој служел за собирање на водата од обилните дождови. Тие одводни канали биле странично од улиците. Одводниот канал на главната улица бил длабок 1 м и ја собирал сета вода од градот, додека споредните одводни канали биле поплитки и атмосферската вода истекувала во реката Вардар.
Гевгелија зад себе има 138 години градска историја, а 170 години водоводна инфраструктурна историја за потребите на жителите на населбата.



















