Празнично и доследно за почит Гевгелија денеска му се оддолжи на својот скромен културен деец и афирматор кој преку неброени концерти низ светот со својата хавајска гитара ширеше алтруизам и културно обединување.
Денес беше свечено откриено неговото спомен обележле сместено пред храмот на културата, Народниот театар во Гевгелија.
Бронзената фигура на Џаџев ја открија градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов и ќерката на гевгелискиот културен афирматор Софија Џаџева Аксакал.

Настанот беше збогатен со хорски настап на учениците, доделени награди од литературен конкурс за ученици по повод Денот на ослободувањето на Гевгелија, 7 Ноември, со присуство на бројни дечиња со развиорени знаменца, а делегации од семејството и локалната самоуправа положија цвеќе пред бронзениот споменик на Џаџев, дело на скулпторот Перо Кованцалиев.

На свечениот чин присуствуваше и синот на Илија Џаџев, Никола Џаџев. Спомени за животот и соработката со Џаџев евоцираше ликовниот уметник и скулптор од Гевгелија Дане Јанев кој спомена дека Џаџев му бил првиот промотор при отварањето на неговата прва изложба како самостоен уметник во 1965 година. Потоа соработките се редеа на задоволство на уметничката и културната публика во Гевгелија и светот.
Вечен спомен за професорот, поет, романописец, хавајски гитарист, културна величина на Гевгелија која со пиетет ќе ја паметат и генерациите во иднина!
На насловната фотографија се, од лево на десно: авторот на скулптурата Перо Кованцалиев, градоначалникот Андон Сарамандов, Софија Џаџева Аксакал (ќерка на Џаџев), Никола Џаџев (син на Џаџев), уметникот Дане Јанев, сите пред спомен обележјето на Илија Џаџев во Гевгелија.



















