Бурна вечер и ангажиран ден за гевгелиските пожарникари во текот на изминатите 24 часа, со реализирани 14 интервенции на терен за расчистување при настанати штети од ветровитото деноноќие во Гевгелија и опасности од опожарување помогнати од силниот ветер.
Уште во текот на ноќта се интервенираше на теренот од СОУ „Јосиф Јосифовски“ каде беше паднат лимениот кров од зградата на гевгелиското средно училиште. Се обезбедуваше теренот за да не настанат повреди, или несреќи над случајни минувачи.
Во текот на ноќта се интервенираше при гаснење на запалени оџаци од приватни семејни куќи кои биле во пламен потпомогнат од силниот ветар.
Во 06:50 часот денес изутрина екипа на ТППЕ Гевгелија со 2 ПП возила и 7 пожарникари интервенираше во гаснење на опожарен кров од куќа. Со брзата интервеција пожарот беше изгаснат, куќата спасена, но има причинета материјална штета.

Околу 10 часот екипа на гевгелиските пожарникари ја обезбедуваше евакуацијата на децата од детската градинка „Цветови“ во Гевгелија каде ветрот со својата силина успеал да однесе еден дел од кровот, а другиот дел да виси. Од безбедносни причини одлучено е децата да се примат од родителите, а нивната евакуација и сигурност да ја обезбедуваат пожарникарите од ТППЕ Гевгелија. Оваа акција ја побарал и наредил директно градоначаникот на општина Гевгелија.
Во 11 часот се интервенираше на „Западен булевар“ во Гевгелија каде имаше паднато дрво поради што сообраќајот беше во застој. Исечени се гранките, стеблото на дрвото на трупци и просторот беше ослободен за сообраќаен проток на моторни возила, велосипеди, пешаци.


Во 13:25 часот екипа на ТППЕ Гевгелија доби повик за опожарени копа сено во с.Мрзенци, гевгелиско. Овде со ПП возило и екипа пожарникари брзо се интервенирало во гаснеше на пожарот, кој е ликвидиран и спречено опожарување на околниот простор каде уште се наоѓале барака и штала. Пожарот настанал од запалено ѓубре фрлено покрај Мрзенска река каде во близина се наоѓал опожарениот сточарски имот. На ветрот доволна била само една искра горењето на ѓубрето да се претвори во пожар на сеното на имотот на стопанственик од Мрзенци.

Работниот ден не завршил тука. Во 14:50 часот дежурните служби на ТППЕ Гевгелија добиваат повик за опожарен автомобил на Автопатот „Пријателство“ кај делницата Гевгелија-Прдејци. Автомобилот се запалил во движење, а свесниот возач без паника се јавил на службите за интервенција. Возилото е изгаснато, но настанала штета на моторниот дел која треба да се санира.
Во текот на денот екипи на ТППЕ Гевгелија продолжија со расчистување и обезбедување на теренот од кровот на СОУ „Ј.Јосифовски“ со цел да се елиминираат несакани ефекти од настанатата штета и паднатиот кров во дворот на средното училиште во Гевгелија и на околниот паркинг простор кај Спортската сала во Гевгелија.


– „Се работеше цел ден на терен. Екипите беа постојано на терен. Се гаснеа опожарени домашни оџаци, се спаси од опожарување семејна куќа, запален автомобил, дејствувавме за расчистување на теренот и елиминирање на опасности од паднатиот кров во гимназијата во градот, ја обезбедувавме евакуацијата на децата од детската градинка. Имаше и технички интервенции, миење на асфалтот по расчистувањето на паднатото дрво и други активности за да се нормализира функционирањето на граѓаните после таков снажен ветровит ден“ – изјави Игор Ризов, командир на ТППЕ Гевгелија.

Се’ на се’ бурен работен ден за гевгелиските пожарникари. Не им е лесно. Кога природата ќе здивее, а огновите ќе се појават неконтролирано тука се обучените пожарникари кои први пристапуваат и при непогоди со цел да внесат сигурност во дејствувањето и систематизирано расчистување и решавање на проблемот.
Додека ние зборуваме колку застуде од ветрот, гевгелиските пожарникари 24 часови во служба на народот – интервенираат за да ги елиминираат опасностите, настанатите штети и да спречат материјални и човечки загуби.
Ви благодариме што сте секогаш тука за нас!




















