Денес недела е белата, проштална седмица која завршува со празникот Прочка кога луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.
Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.
Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.
Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост.
Празникот Прочка има стара традиционалност кај семејствата која се почитува од дамнина. Младите одат кај постарите да бараат прошка, пријателите кај познаниците, младите парови кај кумовите и, средбата започнува со зборовите „Прости ми, нека ти биде простено и од мене и од Бога“. Ова е ден за семејни собирања, а радоста продолжува со помирувањето, со л’цкањето јајца со децата за да бидат бели и убави како јајцето, за да бидат среќни во годината.
Ако не сте верник, побарајте ја милоста во Вашата душа, простете им на ближните за секоја непромисленост. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.
Простете, нека Ви биде простено!




















