Оваа сабота Гевгелија беше центар на танцот со учество на преку 630 деца и јуниори кои настапија на Третиот по ред „Денс Фест“ во организација на студиото „Мистик“ од Гевгелија.
Се играше, се танцуваше, се лееше радост за постигнатото, а имаше пехари и медали за најдобрите.
– „Третото издание на „Гевгелија денс фест“ донесе разновидност од стилови, насмеани деца и родители и пред се’ многу забава. Од аспект на организација мислам дека отидовме најмалку едно ниво повисоко во однос на првите две години, за што тимот што го создадовме доби бројни пофалби од гостите домашни и од страна, а јас сум им особено благодарен“- изјави за GevgelijaNet Организаторот на овој танцов фестивал, Александар Аврамов, програмски раководител и кореограф во Танцовото студио „Мистик“- Гевгелија.
Аврамов вели дека годинава учесниците се потрудиле и покажале квалитетни настапи од повеќе стилови, модерен балет, џез балет, хипхоп, латино итн искажувајќи дека го цени трудот на сите негови колеги кои работат со деца во танцови студија, а ги имаше годинава многу, како од Македонија, така и од Србија.

– „Танцовото студио „Мистик“ учествуваше со 5 групи. За првпат работевме продуцкии (настап со 25+ учесници). Нашите три продукции во категорија мини деца, деца и јуниори освоија први места. Горди сме и на најмалите деца од предучилишна возраст на кои публиката најмногу реагираше, како и формација деца кои освоија прво место. Да напоменам дека танцовите натпревари во форма на фестивали имаат промотивен карактер, односно поканети се сите стилови и сите возрасни категории“ – изјави за GevgelijaNet првиот човек во организацијата на овој танцов фестивал, Александар Аврамов, претседател на ТС „Мистик“.

Тој вели дека посебен впечаток секогаш му остава настапот на инклузивните групи, а такви имаше во Гевгелија во сите фестивалски танцови изданија.
На танцовиот натпревар „Гевгелија Денс Фест“ најголема конкуренција имаше кај хип-хоп солистите. После елиминации преку четвртфинале и полуфинале натпреварувачите од „Мистик“ Гевгелија се изборија за учество во финалните настапи, па така севкупно освоени се следните пласмани:
– Второ место за Мелани Вацев, (категорија мини деца),
– Трето место за Матеа Ѓурановиќ Костадинова, во категорија мини деца,
– Трето место кај „јуниори“ – Михаела Крантова и
– Четврто место кај категорија „деца“ за Сара Јаневска.
Значи да сумираме – „Мистик“ Гевгелија освои:
– 4 ПРВИ места (3 за продукција и 1 за формација)
– 1 ВТОРО место во хип-хоп – (категорија „мини деца“)
– 2 ТРЕТИ места во хип-хоп – (категорија „мини деца“ и „јуниори“), и
– 1 ЧЕТВРТО место во хип-хоп – за категорија „деца“.
Успешен танцов фестивал кој ги оправда сите очекувања. Танцовиот натпревар „Гевгелија Денс Фест“ е поддржан од Програмата за култура на општина Гевгелија за 2026 година.





















