Двократниот ПРВАК на Националната Економска Олимпијада и учесник на Државниот тим на Меѓународната економска олимпијада 2026 е СТЕФАН МИЛЕНКОВСКИ, ученик од СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија.
Тој е победник на Економската Олимпијада на Македонија за 2025 година и денеска ја потврди својата титула Економски Олимпиец на Македонија за 2026. Со тоа Стефан станува носечки член на Националниот тим на Македонија за настап на Меѓународната економска олимпијада што ќе се одржи годинава во Атина, Грција.
За успехот на Стефан зборува конкуренцијата во која го избори ПРВОТО место – На државниот натпревар учествуваа вкупно 89 ученици од 61 училиште од целата држава, избрани од најуспешните натпреварувачи од регионалниот круг.
Лани оваа титула ја понесе на државен натпревар во кој учествуваа 57 училишта. Значи годинава помеѓу побројна и посилна конкуренција Стефан го докажа својот примат.

За постигнатиот резултат, тој беше награден со ваучер од 12.000 денари од Нептун и 100% стипендија на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Значаен успех постигна и ученикот Јован Оџаков, кој како првопласиран на регионалниот натпревар, на државно ниво се пласираше во првите 10 ученици во државата, при што беше награден со лаптоп и ваучер од 12.000 денари од Нептун.

На државниот натпревар учествуваа и ученичките Ивана Ѓорбашлиева и Јелена Кнежевиќ од СОУ „Јосиф Јосифовски“ и имаа достојно претставување на своето знање и училиштето.
Професори, ментори на учениците се проф. Снежана Кичукова и проф. Софија Тошева Раманчевa.
Натпреварот е инициран од Economic Fundamentals Initiative (EFI), се реализира во организација на Институтот за економско образование (INEV) од Чешка, а во Република Северна Македонија е организиран од Институтот за либерална алтернатива (ЛАИ).






















