Вчера претпладне, на 13.07.2026 во 11:09 часот на автопатот А1, кај село Милетково, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица- ОВР Гевгелија го лишија од слобода црногорскиот државјанин Д.Б.(36).
При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека Д.Б. управувал патничко возило „BMW“ со црногорски регистарски ознаки, со брзина од 205 километри на час, на место каде со сообраќаен знак брзината на движење е ограничена на 120 километри на час.
За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против лицето е поднесена соодветна пријава.
Изгледа, автопатот кај с.Милетково стана „црна точка“ за умислени „рели-шампиони“ кои овде ја губат слободата и возилото.
Ова е трет случај за период од три недели на автопатот „Пријателство“ кај село Милетково, Гевгелиско да биде регистриран сообраќаен прекршок на пребрзо возење, па умислените авто-рели шампиони завршуваат во притвор со одземено возило и кривична пријава до ОЈО. Беше уапсен српски државјанин, минатата недела турски државјанин, а вчера црногорски државјанин. По сите прекршоци следуваше притвор и одземање на возилото од страна на полициските службеници на ОВР Гевгелија.



















