Гевгелиските „Лазаренки“ жарат и палат на сцената со своите изведби на фолклорни фестивали кај нас и во светот, а аматерскиот филм за нивното настанување, адети, наследени и негувани традиции освои значајни награди на 56. Аматерскиот филмски фестивал „Жисел“, во Србија
Вкулниот уметнички биланс на 56-от Аматерскиот филмски фестивал „Жисел“ на аматерскиот филм „Лазаренки“ од Гевгелија е:
– Бронзена награда во севкупна конкуренција,
– Специјална награда Златна плакета за камера и монтажа,
– Избрана фотографија од филмот за изложба на АФФ „Жисел“ во Србија.
Целата продукција на Филмската адаптација „ЛАЗАРЕНКИ – реликвија на етничкиот предел Бојмија“ е проектно дело на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, кои со особена гордост го споделуваат меѓународното достигнување на „Лазаренки“.

Филмската адаптација „ЛАЗАРЕНКИ – реликвија на етничкиот предел Бојмија“ се закити со меѓународна награда Бронзена, во севкупна конкуренција на 56. Аматерскиот филмски фестивал „Жисел“ во Омољица, Република Србија, на тема „Живот на село“.
Филмот е реализиран во продукција на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, во соработка со Универзитетскиот ансамбл „Македонија“.
Дополнително, фотографија од филмот, авторско дело на Димитар Новаков, е избрана за изложба на претстојното издание на фестивалот, што ќе се одржи на 8 и 9 август во Омољица.

Уште едно големо признание му припадна на долгогодишен соработник со Домот на културата од Гевгелија, Васко Трајков, кој е добитник на специјалната награда – Златна плакета за камера и монтажа на филмската адаптација „ЛАЗАРЕНКИ – реликвија на етничкиот предел Бојмија“ и арт-филмот „Огледало“.

Ова се големи достигнувања и признанија за уметничкиот приказ на македонските културни традиции од Бојмијата, за адетите, за момите лазаренки, за празничните игри сред село, за посетите на секоја куќа и добрите желби за домаќините, филмски овековечени со вредните уметнички реализатори од Гевгелија.

Честитки!




















