Теодора е девојче од 9 години, ученичка во Школата за тапани под раководство на Момчило Делев во Гевгелија, каде веќе две години ги изучува техниките на инструментот тапан. Синоќа настапи на летната сцена во Струмица како придружен тапанар на концертот на Летната школа по гитара „Џоко Ѓоргиев” во Струмица.
Иако млада, блескаше самоуверено на сцената и го привлече вниманието на публиката и на музичките познавачи. За една ноќ стана позната музичка и медиумска сензација: осамна на порталот „Струмичко“ кој за неа објави видео со препорака:
– „Оваа треба да се види. Македонската Рок сцена има иднина. 9 годишната Теодора Бацева од Гевгелија на тапани со „Летната школа за гитари Џоко Ѓоргиев“ со Васко Пиличев“ – напишаа на фејсбук.
Денеска Теодора осамна и на фан групата на Сител Телевизија со објавата:
– „Македонија има 9-годишно девојче кое „растура“ на тапани
Вистинска музичка енергија вчера го исполни Градскиот парк во Струмица, каде се одржа завршниот концерт на Летната школа за гитара „Џоко Ѓоргиев“.
На сцената настапија повеќе од 50 изведувачи, а во целиот концерт учествуваа над 100 млади музичари. Посебно внимание привлече 9-годишната Теодора Бацева од Гевгелија, која покажа неверојатен талент на тапани.
Настанот уште еднаш покажа дека Македонија има млади таленти и светла иднина“ – оценија од Сител.
Ова е успех на Теодора која посветено учи, тренира и настапува со учесниците на „Школата за тапани“ од Гевгелија. Талентите се раѓаат и случајно, со интересни часови, многу љубопитност, тренинг и учење кое се претвара во музичко задоволство за себе и за публиката.
Честитки за Теодора, многу среќа и успех на сите ученици на летните школи за нови неоткриени таленти!



















