Убавите спомени за Гевгелија не се само улиците, корзото, игранките од минатото, од минатиот век, туку и вредните луѓе кои го исполниле животот и изгледот на Гевгелија со својот труд, со своето ангажирано присуство и вложеност.
Таков белег остави и Костадин Котев, во народот умилно нарекуван Дине Котев, кој е роден на денешен ден 20 август во далечната 1931 година. Денес би славел 95-ти роденден, но веќе 29 години тој своите родендени ги слави со ангелите. Почина на 66 годишна возраст на 24.09.1997 година.

Костадин Котев ќе биде запаметен како основач на Центарот за социјални работи во Гевгелија, од канцеларија, преку простории во монтажен објект до изградба на зградата на Центарот за социјални работи и Хуманитарните организации во Гевгелија, установа која до денеска функционира во истите простории.
За важноста и вредноста на оваа установа знаат нејзините корисници, сегашни и некогашни, луѓе кои ги пребродиле домашните, семејните, здравствените проблеми благодарение на помошта од оваа установа.
Организационите способности ги калеше од млад: во текот на работната кариера беше Управник на угостителство во Дојран, Секретар на Општина Богданци, (и Дојран, и Богданци, во втората половина од XX век беа дел од Општина Гевгелија).
Општествената одговорност за образование и напредок на заедницата ја исполни како учител во планинаското селото Хума, гевгелиско. Интересен е податокот дека Котев беше последниот учител пред затварањето на училиштето со иселувањето на жителите после ослободувањето во ВСВ, некаде околу 50-те години од XX век.

Во младоста беше активен на спортски план и како спортист, и како спортски работник.

За своите ангажмани за општествениот напредок добитник е на Орден за заслуги за народ со сребрена звезда.

Со ваквата посветеност на работните, општествените и спортските ангажмани Котев не ги пропушти и семејните радости. Беше посветен сопруг, во складен брак со Мира Котева, позната вредна, сочувствителна заболекарка од Гевгелија, со која изгради угледно домаќинство, станувајќи родители на две сакани деца.
Неговите потомци знаат да кажат дека татко им Костадин беше правичен и строг, и во таа двојност на родителска љубов и одговорност ги научил на основните човекови вредности: чесност, правичност, истрајност, исполнителност …..

Што да се каже повеќе. Ако сеќавањата издржале 95 години значи вределе!
Почивај во мир!




















