Нови детали за ужасот во Богданци: „17-годишна девојка од Богданци е втората жртва пронајдена во опожарениот автомобил кај местото „Ичева чешма“.
Покрај возилото бил пронајден мртов 21-годишниот Виктор Г., кој бил нејзино момче.
Случајот добива дополнителна тежина, по сознанијата дека девојката претходно го пријавила за физичко насилство, а на блиски пријатели им раскажувала и за закани.
По трагедијата во Богданци, каде што вчера беа пронајдени две безживотни тела, повторно се отвора прашањето за претходно пријавено партнерско насилство врз 17-годишна девојка. Според полицискиот билтен од 1 октомври, 21-годишен жител на Богданци бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата малолетна девојка.
Нападот, според пријавеното, се случил на 30 септември, околу 21 часот, во домот на момчето. Полицијата постапила по пријавата и го привела 21-годишникот во 1:10 часот по полноќ на 1 октомври.
- „Полициски службеници лишија од слобода 21-годишен жител на Богданци. Според пријавеното, тој на 30.09.2026 околу 21:00 часот во неговиот дом физички ја нападнал неговата 17-годишна девојка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, стои во известувањето на МВР.
Според дополнителни неофицијални информации, девојката разговарала со лица од своето опкружување за нападите и заканите што наводно ги трпела. Се споменува и случај во кој момчето наводно се обидело да ја нападне со нож, по што таа успеала да избега низ прозорец. Овие информации засега не се официјално потврдени.
Во меѓувреме, на 3 ноември, околу 18:40 часот, жител на Богданци пријавил опожарен автомобил на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село, во чија близина имало лице што не давало знаци на живот.
Полициските службеници на местото го пронашле 21-годишниот В.Г. од Богданци, чија смрт ја констатирала екипа на Итната медицинска помош. По локализирањето на пожарот, во автомобилот било откриено уште едно опожарено тело.
По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, телата се предадени на обдукција за утврдување на причините за смртта и идентитетот на второто лице.
Според неофицијалните информации, постојат сомневања дека второто лице е 17-годишната девојка, но нејзиниот идентитет треба да биде официјално потврден.
Засега останува неразјаснето како настанал пожарот, што ја предизвикало смртта на двете лица и дали постои поврзаност меѓу претходно пријавеното насилство и трагедијата во Богданци.
Ужас во Богданци: Две лица пронајдени мртви во и до опожарено возило



















