Двајца 42-годишни жители на Гевгелија се лишени од слобода под сомнение дека во повеќе наврати ограбувале деловни објекти во близина на браната „Конско“, при што одзеле мебел, бела техника, радијатори и други предмети.
Според информациите од МВР, на 19 ноември во ОВР Гевгелија било пријавено дека од мобилни монтажни објекти во атарот на селото Старо Конско, сопственост на правен субјект од Гевгелија, биле украдени повеќе предмети.
Кражбата била извршена со употреба на физичка сила и соодветен алат.
По преземените полициски мерки, во близина на местото бил затекнат Н.Д. (42) од Гевгелија, кој со автомобил и приколка превезувал дел од украдените предмети. Тој бил приведен, а подоцна полицијата го лишила од слобода и Л.С. (42), исто така од Гевгелија.
Двајцата се сомничат дека во текот на октомври и ноември 2026 година, во повеќе наврати, од деловни објекти на правно лице лоцирани кај браната „Конско“ одземале делови од столарија, мебел, бела техника, радијатори, панели и други предмети.
Врз основа на судски наредби, полицијата извршила претреси на повеќе локации во Гевгелија што ги користеле осомничените. При претресите биле пронајдени и одземени украдените предмети, кои ќе му бидат вратени на сопственикот.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по целосното документирање на настаните против двајцата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.



















