Во слава на маченикот и исцелител Свети Димитриј во гевгелиско има изградено три цркви кои го носат неговото име: црквата „Св.Димитриј“ во с.Смоквица, изградена 1830 година и црквата „Св.Димитриј“ во с.Старо Конско изградена 1850 година и новоизградената црквата „Св.Димитриј“ во с.Ново Конско, осветена на 1 јуни годинава.
Сите три цркви денеска со црковни литургии и свечен ручек за посетителите на нивните црковни храмови му оддаваат почест на овој ден значаен во христијанската религија меѓу народот и поклониците на верата.
Црквите „Св.Димитриј“ во Смоквица, Старо Конско и Ново Конско припаѓаат во Повардарската епархија и се верен придружник на тамошното население во верата и блискоста кон бога.
Се верува дека во предвечерието на Митровден треба да се остане дома, за да не ја поминеш зимата по туѓу куќи, а самиот ден Митровден 8 ноември се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле немирни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.
Честит именден на именосците на овој Светец: Димитар, Мите, Димо, Димче, Димитрана, Димана…
За многу години да е благоста на Светиот великомаченик Димитриј и заштитата која ја очекуваат поклониците преку Митровденските чествувања!