Владата соопшти дека на денешната седница го утврдила Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии.
– „Со цел заштита на младата популација, со измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно тој не утврдува ваков критериум“, се вели во владиното соопштение.
Друга важна измена во предлогот е тоа што обложувалниците, на пример, доколку се регистрирани како такви, нема да можат да организираат и други игри на среќа со истата лиценца. Се најавува и затегнување на процедурата за издавање лиценци за игри на среќа.
– „Исто така, меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. А се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа“, додаваат од Владата.
Законските измени сега се упатуваат на усвојување во Собранието.