Македонскиот Јордан, реката Вардар во своето јужно течение кај Гевгелија денес беше осветен со фрлање на Чесниот Крст во водите. Најбрзи и највешти кои го фатија Чесниот крст беа Љупчо Трајков (35 г.) и Даниел Анчев (21 г.) и двајцата од Гевгелија.
Светиот чин на осветувањето на водите на Вардар го изведоа свештеници од Гевгелиското Архиерејско намесништво.
Броен народ ја следеше Свечената литургија на Водосвет која се одржа на стариот мост на реката Вардар, а имаше посетители кои настанот го следеа од двата брега на реката Вардар.
Откако беше пуштен во водите на Вардар по Чесниот крст запливаа 19 здрави момчиња. Најбрзи беа Лупчо и Даниел.
Тие добија подароци од општина Гевгелија, фирмата „Зегин“ и Чесниот Kрст од Црквата со кој ќе ги посетат сите домови од градот и населените места од општината каде ќе однест благослов за здравје, слога, мир и благодет во сечиј дом.
Нека е за навек денот Богојавление, Водици!