Царинските службеници од царинската испостава Богородица на излез од државата открија и запленија 5,6 кг наркотична дрога марихуана, сокриена во резервната гума од автомобилот со македонски регистарски таблички.
Дрогата и возилото се привремено задржани, а од страна на инспекторите од Одделение за истраги од Царинската управа е спроведена истрага, по што до надлежното Основно јавно обвинителство – Гевгелија против две лица е поднесена кривична пријава. Дрогата е однесена во Министерството за внатрешни работи – Одделение за крим техника на вештачење.
За едното лице е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а за другото лице безбедносна мерка задржување на патна исправа, известуваат од Царинска Управа на РСМ.
За овој случај извести и МВР во саботата дека настанот се случил на 17.02.2023 година на ГП Богородица каде биле лишени од слобода Т.Ј.(24) од с.Негорци, гевгелиско и Н.И.(26) од Гевгелија. Притоа, Т.Ј. се обидел да побегне, но набргу бил фатен од полициски службеници.