Првите гласници на пролетта во Македонија секогаш слетуваат најпрво во Богородица.
Годинава гордиот штрк од фотографијата слета на 28 февруари на кровот од камбанаријата на селската црква „Рождество на Пресвета Богородица“ и задоцни еден ден од ланското сефте кое го направи на 27 февруари.
Со тоа овој пердувест предвесник на пролетта ја прогласи сезоната на будење на природата за актуелна на југот од државата, иако на зимата и’ остануваат уште 21 ден званична календарска “надлежност”.
Жител на Богородица Марјан Иванов не’ потсетува дека првите штркови секогаш слетуваат во атарот на село Богородица каде ги очекуваат веќе старите гнезда. Но, дали промената на климата, или нивниот биолошки часовник ги води овие птици со мало задоцнување на југот кај нас.
Марјан вели дека:
– „Најрано доаѓање на штрковите во Богородица е забележано на 16 февруари 2020 година. Следната година првиот штрк стаса на 21 февруари, во 2022 година на 19 февруари, 2023 година на 23 февруари, и 2024 година на 27 февруари. Годинава стаса ова утро на 28 февруари 2025“ – вели за GevgelijaNet Марјан Иванов, инаку и автор на фотографијата со старо-новиот „станар“ на Богородица.
После кратката фото сесија пред објектив штркот гордо одлета да го разгледа познатиот терен околу неговото гнездо.
Фото: Гордиот штрк на Камбанаријата од црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во с.Богородица, гевгелиско