Денеска е најтажниот ден по трагедијата во Кочани, во која во пожар во дискотека изгореа 59 млади, а повеќе од 170 се повредени. Во повеќе градови низ земјава ќе се одржат погребните церемонии, а граѓаните продолжуваат преку мирни собири на плоштадите да искажуваат почит и сочувство со семејствата на загинатите.
Во неколку градови во земјава денеска ќе се одржат погреби на 59 трагично настрадани во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март. Најголем дел од загинатите ќе бидат погребани во Кочани, а погреби ќе се одржат и во Штип, Пробиштип, Облешево, Скопје и Струмица.
Погребот на настраданите во ужасниот пожар во Кочани ќе се одржи следниот период – 11:00 часот на градските гробишта во Штип, 12:00 часот на градските гробишта во Кочани, 13:00 часот на гробиштата во с. Облешево. Останатите погреби ќе се одржат во различни временски периоди“, – информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Со погребната церемонија во Кочани ќе чиноначaлствува архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со повеќе архијереи од МПЦ-OA. Оддавањето почит ќе почне од 11:30 часот. МПЦ-ОА повика на достоинствено и христијанско однесување, а родителите на трагично загинатите ќе бидат телефонски известени за деталите.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, утринава упати апел до граѓаните кои денеска сакаат да оддадат почит на настраданите во Кочани, да не ја попречуваат погребната церемонија. „Невозможно, нехумано и непотребно е сите во исто време да пријдат околу телата на настраданите“- додава тој. .
Од ЦУК информираат дека околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број лекарски тимови и пунктови со вода за пиење.
Kолона за испраќање на настраданите и упатување последен поздрав до младите жртви во несреќата во Кочани веќе тргна:
Штип ќе се прости од петтемина загинати во Соборниот храм „Свети Никола“, потоа во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во штипско Ново Село и во црквата „Света Троица“ кај градската капела во Штип. Во овој град ќе бидат воведени и дополнителни линии на јавниот автобуски превоз, кој ќе биде бесплатен за сите граѓани.
Пејачот на ДНК, Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на Градските гробишта Бутел, во Скопје (10 часот), а професорката на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче (12 часот). Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев, ќе биде на Градските гробишта во Струмица.