Традицијата на крводарување на гевгеличани продолжи и годинава со интензитет на зголемен интерес на доброволните крводарители, можеби поттикнати од трагичниот настан во Кочани.
Вчера беше одржана третата крводарителска акција за 2025 во организација на ЦК-Гевгелија и Институтот за трансфузиона медицина и на истата учество зедоа 58 крводрители. Вообичаено на единечните акции на повик на ЦК се одзиваат од 35 до 40 граѓани. Овој пат на десет дена после трагедијата во Кочани гевгеличани дојдоа во поголем број спремни да даруваат крв, што е одзив за 65% поголем од јануари.
Инаку во текот на периодот јануари-март собрани се вкупно 189 крвни единици.
– „Планските ангажмани за крвдарителски акции се во насока да имаме секој месец по една остварена крводарителска акција, а повремено, во договор со партнери организатори, некои фирми кои доброволно сакаат да се вклучат во овој хуман гест на граѓаните, реализираме и акции во работни средини. Такви се училиштата, акцијата во „Фламинго“; традиционалната летна акција во Дојран, а повремено се јавуваат и партнери организатори. Во иднина интенција ни’ е како Општински Црвен Крст да оствариме поголем соработка и крводарителски организирања со фирми од општината и регионот кој го покриваме со нашата хумана мисија“ – истакна за GevgelijNet секретарот на гевгелискиот Црвен Крст, Лазар Машков.
Акцијата се одржа во просториите на Пионерскиот дом во Гевгелија, за што ООЦК Гевгелија изразува благодарност за отстапениот простор и логистика на акцијата, а особена благодарност до сите хумани граѓани кои даруваа крв за спас на човечки живот.
Посветената хумана работа продолжува. За споредба ќе кажеме дека во текот н 2024 година преку ЦК Гевгелија собрани се 838 единици крв од доброволни крводрувња. Ако одзивот продолжи со засилен интензитет како во месец март можно е годинава да се зголеми бројот на годишните крводарувања, да се пополни армијата на крводарители со нови млади членови и хумани луѓе пред се’.