Пуштен е во употреба реконструираниот пат Понов мост – Богданци во должина од 4,8 километри, инвестиција од пет милиони евра обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие државни патишта (ЈПДП), дел од регионалниот пат кој ги поврзува Гевгелија и Богданци. Делницата е целосно рехабилитирана, изваден е стариот асфалт, тампонот и постелката и поставена е нова постелка, тампон и два слоја нов асфалт.
Рехабилитиран е и мостот пред Богданци на кој му се зајакнати столбовите, направена е хидроизолација и ставени се два слоја нов асфалт. Направени се и бетонски и земјени одводни канали покрај патот кои овозможуваат патот да биде постабилен и подолготраен.
На настанот присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој посочи дека овој пат има огромно значење за целиот јужен регион и претставува директна поврзаност со коридорот 10, Грција, Србија и главниот град Скопје.
– „Денеска отвораме еден пат што многу значи за целиот регион – за Богданци, Гевгелија, Валандово и за Дојран. Ова е еден заглавен проект што го наследивме, но успеавме да го завршиме и денес гледаме нов модерен пат кој им овозможува на жителите подобра комуникација и економски напредок“ – изјави Николоски.
Тој нагласи дека патот ќе овозможи побрза размена на производи, олеснета комуникација меѓу општините, како и полесно движење за студентите, земјоделците и бизнисмените.
– „Овој пат го поврзува регионот со Грција, Србија и главниот град Скопје. Тоа отвора нови можности – за развој, мобилност и економија, и за сите граѓани од овој дел на Македонија“ – рече министерот.
Фото: Влада на РСМ
Архива на GevgelijaNet – Изведбените работи започнаа во јуни 2024 година.
Започнува реконструкцијата на регионалниот пат Гевгелија-Богданци