Младиот 13 годишен атлетичар од Стојаково, Антонио Каракабаков, денеска истрча најбрзо на Детската трка во рамките на „Кавадаречкиот полумаратон“ и го освои највисокиот подиум за ПРВО место. Тој се натпреваруваше во конкуренција на 8 и 9-то одделенци и беше најбрз од сите.
По половина час Антонио стартуваше на трката од 5 километри, исто во рамките на „Кавадаречкиот полумаратон“ и овде во конкуренција од 200 сениори го освои високото 5-то место, со време истрчано на трасата од 20 минути и 45 секунди.
Антонио е инаку посветен атлетичар, член на АК „Аеродром“ Скопје и поранешен член на АК „7 Ноември“ од Гевгелија, инаку Државен првак на трасата од 800 и 1.500 метри, за 2025 година.
Овие резултати на Антонио му донесоа медали, но и ПЛАКЕТА за „Младински спортски талент во подем зa 2025“ што ја доделува Спортската редакција на GevgelijaNet. Со денешниот освоен подиум и прво место Антонио само докажува дека е навистина младинска атлетска надеж на Македонија, од нашиот топол Југ.
Инаку, „Кавадаречкиот полумаратон“ е традиционален спортски настан кој се одржува годинава по 8-ми пат во организација на Општина Кавадарци и „Меридијан Атлетик Еко“ под мотото „Го сакам Кавадарци”.




















