Денес е Духовденска задушница, сабота пред педесетицата.
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
На Задушница утрово во гевгелиската црква „Свети Спас“ се отслужи парастос, а по службата се посетија гробовите на најблиските, каде што со запалена свеќа се читаа молитви за упокоените од страна на свештените лица.
На гробните места домаќините принесуваат пченица, леб и црвено вино и по некое послужување за сите оние кои ќе искажат почит на починатиот со палење свеќа.

Денес гевгелиските гробишта беа полни со народ кои семејно искажуваа спомен и почит на ближните свои кои не се веќе меѓу нив.
Кој не може да оди на гробот на најблиските, свеќа пали во црква.
Се верува дека свеќата запалена на овој ден гори сè до следната Задушница. Исто така, постои верување дека ако на Задушница не се запали свеќа, мртвите една година ќе бидат во мрак.
Според верувањата, на Задушница не се работи, чисти и пере, не се работи ништо со волна, а не треба да се користат ниту ножици и игли. Овој ден се посветува на мртвите, а не на живите.
Нека им е мирно и спокојно во Царството небесно на сите упокоени.



















