Третиот проект за Бесплатни часови по пливање за деца од 7 до 12 годишна возраст, за малите жители на општина Гевгелија, годинава заврши со одлични резултати – Вкупно 215 деца ги завршија часовите успешно, а за својот труд кој ги направи пливачи добија и медал.
Насмевките, медалите и заедничката фотографија покажува колку се среќни новите пливачи од Гевгелија и населените места, посетителите на курсот за пливање, зошто сега ќе можат да уживаат во водите и задоволството од пливањето и игрите во вода.

Мокри купаќи, шарени капчиња за заштита на косата и ушите, очила за гледање под вода, шарени даски за пливање …. сето тоа ја мотивира детската имагинација дека ова е игра што можат да ја совладат како и секој возрасен и победија сите до еден во својот обид = сите станаа пливачи.

Бесплатната обука се одржа со заложби на Општина Гевгелија со цел „инвестирање во развојот на најмладите, создавајќи можности за активно, здраво и квалитетно детство“. Обуката ја спроведуваа сертифицирани професори по спорт и лиценцирани тренери по пливање.
Обуката се реализираше во текот на месец август, во периодот од 3 до 27 август 2026 година, четирипати неделно на базен „Coconut“ во Гевгелија.
Интересен е фактот што овие бесплатни часови годинава имаа огромен одзив на деца. Минатата година ги посетуваа 20-30 деца, а годинава десеткратно повеќе. Ова е вложување во спортот кое се исплаќа во здрави и активни поколенија.

– „Посебно ми е драго што интересот за часови по пливање од година во година расте, а со тоа се зголемува и бројот на деца. Ова е потврда дека ваквите активности се потребни и добро прифатени и од децата и од родителите. Ме радува што како локална самоуправа и ова лето создадовме убави моменти за нашите најмлади. Ќе продолжиме со поддршка на вакви активности, пливањето како спорт има важна улога во правилниот физички развој на децата“ – изјави градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов при посетата на курсистите по пливање.

Ние како редакција GevgelijaNet ги стимулиравме децата да се пријавуваат на бесплатните часови со објава на Јавниот повик за апликација за посета на истите и затоа сметаме дека сме придонеле за нивната активација.
Во тој контекст, им честитаме на новите пливачи за успешно завршениот курс, а на тренерите за успешно спроведените часови кои на задоволство на децата ги научија со основните пливачки вештини и преку спортска едукација им овозможија понатамошен здрав психо-физички развој.




Ајде да пливаме! Оглас за бесплатни часови за пливање за децата од општина Гевгелија



















