После тридневна трчање од Нова Градишка, местото на загинувањето на Тоше, до неговото родно Крушево во Македонија, денес на пладне пристигнаа 12 спортисти-атлетичари, учесници на 19-от Ултрамаратон за Тоше Проески и се поклонија пред гробот на ТОШЕ.
Тие истрчаа 820 километри и симболично го вратија духот на Тоше кој испушти душа на автопатот во сообраќајна несреќа близу хрватскиот град Нова Градишка, до неговото сакано Крушево. Овде во Крушево во алејата на великаните, на Гумење се наоѓа и вечното почивалиште на Тоше, заедно со крушевските Илинденски револуционери.
Големината на 26 годишниот пејач кој го обедини Балканот е голема, неизречива. За неговите вредности зборува 19 годишниот незаборав, од трагедијата на денешен ден 16 октомври 2007 година. Музичарите му посветуваат концерти за спомен, публиката ги пее неговите песни, народот споделува на овој ден спомен пораки за Тоше на социјалните мрежи, а спортистите трчаа три дена за него како Спартанци, непрекинато од Хрватска до Македонија, за да си дојде нашиот музички-поп ангел дома.

Овој спортски потфат не е за трофеј, не е за медал, за спомен и незаборав на македонскиот и балкански музички миленик, поп-иконата на младите генерации што замина прерано, пред лансирањето на меѓународната музичка сцена и почетокот на најавената веќе трасирана меѓународна музичка кариера.
- „Нашата мисија не е кој колку ќе истрча туку да стигнеме таму каде што треба да помогнеме на секого кому му треба помош, како што правеше Тоше“ – изјави маратонецот Наум Капрически.
– „И по сите овие години, љубовта кон Тоше не згаснува, а неговата добрина, хуманост и музика продолжуваат да живеат во срцата на сите нас. Засекогаш ќе го чуваме споменот за нашиот Тоше. За кого? ЗА ТОШЕ!“ – порачуваат Ултрамаратонците.

Меѓу 12те ултрамаратонци од Македонија се и тројца атлетичари од Гевгелија: Влатко Семенаков, Даниел Анчев и Марјан Туртуров. Тие заедно со целиот маратонски тим се поклонија пред вечното почивалиште на ТОШЕ!
Маратонците на гробот на Тоше запалија рачно изработена свеќа од отец Наум Велински од Загреб. Така почитта за Тоше доаѓа и од Хрватска.
Организатор на 19-от Ултрамаратон за Тоше е Здружението „Игри без граници“ кој во оваа прилика им подели на учесниците на годинашниот Ултрамаратон винил плоча од последниот албум на Тоше, „Игри без граници“.
Вечна ти слава ангелу наш!



















